Маратонот и јас (Една јака љубовна приказна, подмачкана со Алгасан)

Драг Маратону,

Време е да проговорам за нашата афера. Знам дека е тајна, скриена во срцето, заталкана во потсвеста, навлезена во крвта и под кожата, ама ќе ја споделам за да оставам трага. Од нас. Од аферата. Од мене. 🙂

12162159_10207874497394020_463246466_oПочнав да трчам пред 2 години и некој месец. Сосема случајно ме викна на кеј другарка ми од Корчагин Искрич (Искра Јовановска од Скопско ноќно трчање – СНР) да трчам со неа и со нејзината женска банда. И трчавме. Некогаш сами некогаш во друштво го меревме кејот, зошто ни фалеа по неколку метри на секое трчање.

После некој месец, бандата стана мнооооогу поголема, се собраа и женски и машки и рекреативци, ни доаѓаа на гости и спортисти, прваци, шампиони, ултраши и слични атлетски ѕверки. Дојде есен, трчав и сама и со СНР, па стаса зима и еден февруари истава оваа цура од погоре Искра ме покани на трка во парк со многу скокотлива реченица: „ Ели, ајде да трчаме во парк заедно со сите и колку истрчаме, толку ќе ни пишат во дипломата. Ако истрчаш 14км, ќе пишат 14, ако истрчаме 16 толку и ќе ни пишат.“  Се замислив и си викам, кај јас на трка, до сега само лабаво по улици и на кеј  трчам, којзнае дали и колку ќе можам да истрчам. Но, ме копкаше желбата, друштвото и дилемата дали можам да истрчам повеќе од 10 километри одеднаш. И дојдов!

12822604_10207874497754029_316745341_oСупер беше. Лесно трчање во градски парк. 12 круга или во превод 21 километар и цело време кажував вицеви, смешки, си зборевме што се случувало минатата ноќ и километрите си минуваа, ние си се смеевме и не ни осетивме кога дојде финишот. За да биде уште поинтересно на крај јас освоив второ место во мојата категорија, Искра трето. Ц, ц, ц си викам ме наговорија да се пријавам, а јас со таква леснотија истрчав.

И тука се роди љубов. Тој ден. Меѓу мене и полу-маратонското трчање. Следен предизвик ми беше да се подобрам и да го забрзам времето за кое ќе истрчам полу-маратон. Па така пред-минатата година истрчав вкупно 7 полу-маратони, минатата 5 и времето си го подобрив од 02:13:25 на весели 01:42:37. Љубовта траеше и трае и сè уште гори. Но, дружејќи се со ноќните нинџи и слични вљубеници во трчањето минатата есен слушнав за него. Да, тогаш прв пат помислив на него. И веќе не ми излезе од глава.

Неговата Еминенција Маратонот. Имав слика веднаш штом слушнав за него. Ми се појави како некој маж таму далеку на стотици километри од мене, а сепак го видов толку јасно. Не само силуета, туку со сите контури, црти, убавини и заводлива насмевка. И таков, висок, долг, строен, издржлив, извајан стоеше пред мене. Ах, си реков, далеку сум јас од него. Но, почнав да се интересирам. Зошто е тоа најтешкото, а најпривлечното? Што се случува со луѓето додека се подготвуваат за средбата со него? Зошто не сите издржуваат до крај? Толку прашања, а малку одговори.

12837627_10207874461033111_710956898_oПочнав да истражувам. Читав, сурфав, барав, гледав, слушав, запознав маратонци кои за првпат тие денови истрчаа маратон, но запознав и луѓе кои веќе 20 години трчаат маратони и сè уште уживаат во нив. И во разговорите со нив дознав најразлични случки и секој различно ја доживеал средбата со него. Така дознав за сизифовските маки што ги доживува секој маратонец и секој рекреативец што се подготвува за маратон. Тогаш открив дека „ѕидот“ на 33-тиот километар може буквално да те кутне на земја. Открив дека во вториот дел од трката е нормално да имаш болки во телото, грчеви во мускулите на нозете, вкочанување на грбот и плеќите и дека до самиот крај е неизвесно. Зборував со мажи и жени, со млади и постари луѓе кои имаат искуство со маратоните. Сите имаат најразлични доживувања, но на крајот сите се среќни што го истрчале и завршиле најголемиот предизвик и најтешката дисциплина во атлетиката, кралица на спортовите.

И така решив. Доволно го запознав однадвор. Сега треба конечно да се запознаеме јас и тој. Да почнеме да се меркаме. Да флертуваме. Да се шмекаме. И кога ќе дојде денот, да закажеме рандеву и да си ги одмериме силите. Го одбрав еден од петте најелитни светски маратони. Германецот. Прецизен, студен, елегантен, рамен и секако најпривлечен зошто на него се рушат светските рекорди. Неколку години по ред тука се пишува маратонската историја. На неговите улици минуваат најголемите светски тркачи и остануваат запишани за навек.

Решив да се пријавам. Знаев дека е тешко, но ми дојде времето. И успеав, ме одбраа! Единствена Македонка која ќе трча во Берлин во септември 2015 г. Флертот почна. Веќе го најавив своето доаѓање. Следно беше да се спремам, ама добро да се спремам за средбата. Зошто не е ова секојдневна средба. Не е ова кафе пред зграда или дружба у маало. Ова е сериозна игра. Тука треба истрајност, издржливост, посветеност и пожртвуваност. Играта започна. И сакав да си играме до крај. За да биде играта поинтересна, одбрав некој кој може да ме подготви за играта да трае, но и да биде уживање. Не мачење. Не болка. Не тага. Не умор. Туку игра. Уживање и патување, а самата дестинација е само дел од наградата. Го запознав Кокан Ајановски точно неколку дена откако ме известија дека ќе имам средба со Германецот. Кој може подобро да ве спреми од македонскиот шампион во атлетика? Тој е најбрзиот Македонец на полу-маратон, првак на 5.000 и 10.000 метри половина декада. Полн со искуство, тренинзи, натпревари, а пред се љубов. Љубов кон трчањето, но и кон луѓето.

938778_10207874497834031_1101269862_oОдличен советник кој Ве следи секој чекор, во секој дел од денот и во сите активности. Ве советува што да правите, како да правите или пак ако забележи дека грешите веднаш го вклучува алармот. 🙂 Направивме план и желбата да го завршам овој предизвик стана реална. Подготовките течеа 5 месеци по планот, дојде летото и јас само го променив терминот на тренинзите за да го избегнам топлото време, па така станував во 05 ч наутро и веќе во 05:30 ми почнуваше тренингот. Трчав секаде каде што се наоѓав, на викенд со другарките на море, за празник на планина со моите, додека бев на службен пат надвор од Македонија, секогаш со себе носев патики и трчав.

Септември дојде многу брзо и ги одбројував деновите до стартот на берлинскиот маратон. Тренинзите не запреа ниту намалија интензитет во текот на минатите месеци. Трењор (така го викаме Кокан нагалено) ме следеше секој ден и се консултирав за сите прашања што ги имав. Со маратонот веќе флертував. Онлајн додуша на почетокот. Решив да му се обраќам во прво лице еднина за да знае дека постојам и да ме запознае одблиску. Секое утро му пишував штом ќе завршев со тренингот и ставав слика за да знае дека сум јас. 🙂 Како се наближуваше стартот, така се почесто ми стигнуваа покани и влезници за различни настани од организаторите за подобро да ги запознаеме сите сегменти од маратонот. На моменти ме фаќаше страв… Што ако не го завршам? Што ако нешто ми се случи? Што ако …

Патувањето го испланирав со уште две мои другарки. И тие трчаат. Едната ја споменав на почетокот, девојката која ме инспирираше да почнам да трчам, таа сè уште трча. Другата е Буби (Елена Бубало, откачена фитнес милитари инструкторка и супер жена) која некако покрај мене почна да го засакува трчањето.  И трчавме заедно низ Берлин неколку дена пред маратонот по улиците и парковите за да го почувствуваме градот, да ги откриеме сите убавини и предизвици, да го спознаеме урбаниот дух на градот и да ја најдеме целата рута на Маратонот.

И би средбата. Со Маратонот. Секое утро гледав како ја подготвуваат рутата, трчав на неа и тренирав среќна дека за некој ден и официјално патеката ќе биде отворена. Дојде 27-ми септември 2015. Д деј.

Ауууууууууууууу, лудило. Непроспана ноќ од немир и возбуда. Утро полно сонце, љубов, насмевки околу мене, драги лица, другарките ми се тука. Како семејство ми се. Душата мирна. Одиме заедно кон стартот. Возбудена, среќна, уплашена, се во едно. Нешто си збориме, ме зезаат, ме прашуваат ама ништо не се сеќавам. Само дека ќе трчам. И дека денес е денот. За ова се подготвував цело лето.

 

This slideshow requires JavaScript.

 

Како беше трката? Неповторлива. Првиот маратон цел живот се памети. Имаше многу процедури до стартната линија, безбедносни мерки, сигурносни алки, кодови, бои и слично. А самиот Старт? Вааааааааааууууууууу… Адреналин на 48.000 тркачи на стартната линија. Ди-џеи, разгласи и стејџови долж целата улица на Брандербуршката капија. Камери, новинари, екипи од цел свет што сакаат да бидат дел од овој единствен настан. Енергија што се доживува ретко каде на друго место.

Одбројувањето почна. 10,9,8……3,2,1 СТАРТ! Река од луѓе. 30-тина минути минувавме низ стартната линија. Лудилото почна. Возбуда, страв, адреналин, сонце, и насекаде тркачи. Штом помина стартот веќе се беше поинаку. Ќе ја помнам секоја минута од маратонот. Уживање во секоја смисла. Се ослободив од сите мисли и едноставно уживав. Немаше ниту болка, ниту, грчеви, ниту било каква промена на телото. Само уживање. На целта исто толку луѓе, гледачи, водители, разгласи, музички групи и пејачи кои ве поздравуваат и ви честитаат на завршениот маратон. Само малку одмор, регенерација на мускулите со Алгасан (нашето верно другарче кое од почетокот нè следи на нашите трчања со СНР, а сега е станат ептен важен дел од нашиот тркачки живот) и веќе бев подготвена да го дошетам Берлин. Ми остана зоолошката градина и турскиот кварт. А трката? Помина како пердув. Секогаш ќе ја паметам.

И да, аферата со маратонот продолжува. Следниот месец во Рим 😉 !

Останете здрави и весели!

Елисавета Нојковска

Advertisements

One comment

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s